Проектот за изградба на граничниот премин „Клепало“ помеѓу Бугарија и Северна Македонија, кој ќе ги поврзе општините Берово и Струмјани, доби поддршка за реализација на Седмата седница на Заедничкиот комитет за следење на Интеррег ИПА програмата на Европската Унија за прекугранична соработка помеѓу двете земји, која се одржа во Скопје.


Проектот ќе биде финансиран во новиот програмски период 2021-2027 со пари од Европската Унија и со национално кофинансирање од двете земји. Од страна на Северна Македонија се предвидува рехабилитација на веќе подготвената траса и модернизација на изградените гранични објекти и опрема, а од бугарска страна треба да биде изградена делницата од 8,8 км, која сé уште не е завршена, како и објекти и опрема за граничниот пункт. Проектирањето треба да започне во 2021 г.


На седницата на Заедничкиот комитет за следење присуствуваа заменик министерот за локална самоуправа на Република Северна Македонија, Зоран Димитровски, како и заменик министерката на Министерството за регионален развој на Република Бугарија, Деница Николова.

Заменик министерот Димитровски во своето обраќање го оцени досегашното остварување на ИПА програмата со Бугарија.


- Програмата со Бугарија е успешна приказна во регионот, имајќи ја предвид речиси 100 процентната реализација на средствата. Во текот на овие десетина години, успешно се имплементирани 148 проекти во првиот ИПА програмскиот период. Во рамките на вториот ИПА програмски период веќе е завршена имплементацијата на 48 проекти, а од јули 2019 е започната реализација на уште 17 проекти од вториот повик. Со средствата од Вториот повик за проектни предлози на Програмата за прекугранична соработка Бугарија - СевернаМакедонија, во вкупен износ од 6,9 милиони евра, покрај овие 17 проекти, се очекува да се склучат дополнителни 8 нови договори за проекти од резервната листа, предложена од комисијата, рече заменик министерот Димитровски. На седницата беше презентиран и напредокот во програмирањето на следниот програмски период 2021-2027 година, а беа истакнати и целите и приоритетите како поддршка на балансираниот развој на прекуграничниот регион. Поддршка доби и другата стратешка цел за новиот програмски период – создавањето фонд за мали проекти, кој со пари од Европската Унија ќе ги финансира малиот и средниот бизнис од двете страни на границата. Фирмите ќе добијат помош да го модернизираат своето производство, да го дигитализираат, како и да ги обноват капацитетите за да бидат конкурентни на поголемите пазари.

 

- Време е да покажеме дека лекцијата е научена, дека знаеме да работиме одговорно и отчетно и дека нашите напори ќе бидат вреднувани во процесот на евроинтегрирањето. Нашата заедничка иднина, иднината на земјите од регионот, е во Европската Унија. Ја градиме преку соработка, поддршка и взаемно почитување. Убеден сум дека ќе направиме сé за да покажеме дека заедно сме подобри и покорисни за нашите граѓани кои што споделуваат заеднички проблеми и од нас очекуваат решенија. Владата на Северна Македонија е максималнопосветена на процесот на интегрирање на земјата во Европската Унија, а Министерството за локална самоуправа посветено работи на подобрување на квалитетот на живеење во прекуграничните региони и создавање на услови со кои можеме да бидеме рамноправни членови на европското семејство, рече заменик министерот за локална самоуправа Зоран Димитровски.


Заедничкиот комитет за следење на програмата се состанува минимум еднаш годишно на иницијатива на земјите учеснички или на Европската комисија. Оваа година состанокот беше организиран во соработка на двете одговорни министерства, претседаван од Управувачкиот орган - Министерството за регионален развој на Република Бугарија и ко-претседаван од Националниот орган - Министерството за локална самоуправа. Во работата на Заедничкиот комитет за следење, учествуваат членовите на комисијата составени од претставници на министерствата, регионалните центри и невладини организации од двете земји, преставници на Европската комисија и други релевантни тела.


Ова беше првиот состанок на ЗКС за 2020 година со физичко присуство и онлајн.