Печати

Годинава, со поддршка на јапонската Влада ќе се финансираат девет проекти за подобрување на јавните услуги во областа на здравството, образованието, детската заштита и комуналните дејности, во вкупна вредност од скоро половина милион евра.

Договорите ги потпишаа претставниците на установите од општините Штип, Крива Паланка, Валандово, Виница, Велес, Македонски Брод, Кавадарци, Могила и Неготино, кои што се директни корисници.

Во општина Штип ќе се работи на подобрување на условите во детската градинка Цветови, во општините Могила и Неготино ќе бидат реновирани училиштата во село Добрушево и во село Долни Дисан, во општините Велес, Македонски Брод и Кавадарци грантовите се наменети за подобрување на услугите во јавните здравствени установи, а во општините Виница, Валандово и Крива Паланка за набавка на опрема за јавните комунални претпријатија.   

Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу ја честиташе 25 годишнината од соработката меѓу Северна Република Македонија и Јапонија.

- Денешниот настан е само еден од многуте кои што веќе 25 години ја потврдуваат поддршката што јапонскиот народ им ја дава на нашите граѓани, преку различни проекти, реализирани во 46 општини. Преку „Грант програмата за мали проекти“ од 1996 година до сега, во овие општини се реновирани 63 јавни образовни институции, набавена е опрема и се реновинарини 41 јавна здравствена установа, набавени се 22 специјализирани возила за противпожарна заштита, за собирање на отпад, ровокопачи, чистачи на снег и слично. Годинава, јапонската поддршка, во вкупна вредност од скоро половина милион евра е наменета за 9 општини - Штип, Крива Паланка, Валандово, Виница, Велес, Македонски Брод, Кавадарци, Могила и Неготино.

Министерот Фазлиу ја поздрави иницијативноста на локалните власти кои што со подготвени проекти успеале да обезбедат финансиска поддршка преку програмата на јапонската Влада. Тој исто така ја истакна и корисноста од соработката со Јапонија која што не се сведува само на финансиска поддршка.

- На целата поддршка и дава додадена вредност и културата на работа и на реализирање на соработката. Исклучителната посветеност, прецизност, одговорност и грижа за работите, дури и откако проектите целосно ќе бидат преземени од нивните корисници. Ова вредно искуство ги прави работите уште подобри и повредни за нас како држава, за општините каде што се реализира поддршката, за јавните претпријатија, училишта, детски градинки и други јавни установи, за вработените во тие установи и за сите наши граѓани. Пријателите помагаат, но добрите пријатели оставаат зад себе и добри совети, исклучително корисни искуства кои што создаваат вредности, рече министерот Фазлиу.