Во организација на Министерството за локална самоуправа и на УНДП, денеска во Скопје беше организиран форум на кој претставници од локалната самоуправа, граѓанскиот сектор и експертската јавност разговараа како да се подобри функционалноста на месната самоуправа во функција на поголемо вклучување на јавноста впо процесите на донесување на одлуки и на подобрување на испораката на одредени услуги, особено во руралните општини.

На форумот беше презентирана и експертската анализа подготвена преку спроведено истражување на целата територија на државата.

Заменикот министер за локална самоуправа Дејан Павлески истакна дека реално има потреба од додефинирање на статусот на месната самоуправа, имајќи го предвид принципот на субсидијарност и процесот на децентрализација кои што ја истакнуваат потребата од организирање на граѓаните во месни и урбани заедници.

-Тоа е определба и на Владата, прашањето на месната самоуправа да се решава како можност за поголема вклученост на граѓаните во донесувањето на одлуките, особено во руралните заедници. Тоа го сакаат и граѓаните, тие имаат потреба да се организираат на ниво на месна заедница и на тој начин организирано да влијаат на решавање на прашањата од заеднички интерес, рече заменикот министер Павлески.

На експертско ниво беше истакнато дека Законот за локалната самоуправа недоволно ги дефинира функциите на месните и урбаните заедници и затоа е потребно додефинирање во самиот или во нов закон за месната самоуправа. Неопходно е месните и урбаните заедници да воспостават поголема институционална соработка со Советите на општините, наспроти сегашната пракса на нивна комуникација главно со градоначалниците. Начинот на организирање до сега главно одел од горе  надолу, наспрти иницијативите да произлегуваат од самите граѓани и од нив да бидат адресирани до Советите на општините. Како размислувања беа посочени и можностите за враќање на правниот статус на месните заедници, да имаат поголема финансиска самостојност, да бидат ангажирани лица кои што ќе бидат формално вработени, да бидат дефинирани областите на делување, како и можност една месна заедница да опфаќа повеќе населени места кои што споделуваат слични интереси.