Колку подлабоко навлегуваме во процесот на интеграција, како земја, стануваме поискусни, нашите потенцијали и амбиции растат, што веројатно е случај и со другите земји-кандидати за членство во Европската Унија. Ние сме решени да успееме

Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, од денеска  учествува на дводневната Конференција “Денови на регионален развој и ЕУ фондови”, што се одржува во Шибеник, Република Хрватска.

Во присуство на надлежни претставници на Чешка, Бугарија, Унгарија, Полска, Романија, Словенија, Словачка и на Малта, министерот Фазлиу се осврна на актуелните состојби во Република Македонија и на цврстата определба на Владата за членство во Европската Унија и во НАТО.

Во тој контекст тој ја истакна важноста за вклученоста на Република Македонија во регионалната политика на Европската Унија заради нејзиното  директно влијае врз создавањето на работни места, поттикнувањето на деловната конкурентност, економскиот раст и одржливиот развој, што во крајна линија треба да резултира со подобрен квалитет на живеење за сите граѓани.

-Повеќе од 100 милиони евра од Европската Унија и националнотото кофинансирање обезбедено од Владата на Република Македонија, претставуваат добра основа за поттикнување на релевантните субјекти да ги мобилизираат  нивните капацитети, идеи и партнерства во решавањето на различните потреби за развој на регионите. Ние сме свесни дека ова е само капка во море во однос на  можностите што ни се отвараат со нашето членство во Унијата. Преку заедничките проекти веќе ги гледаме позитивни ефекти во реалниот живот. Програмите за територијална соработка на ЕУ и фондовите за регионален развој веќе ја менуваат реалноста, рече министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, кој што нагласи дека пред нас е долг и ангажиран период.

-Колку подлабоко навлегуваме во процесот на интеграција, како земја,  стануваме поискусни, нашите потенцијали и амбиции растат, што веројатно е случај и со другите земји-кандидати за членство во Европската Унија. Ние сме решени да успееме, рече министерот Фазлиу.

Организатор на Конференцијата “Денови на регионален развој и ЕУ фондови” е Министерството за регионален развој и ЕУ фондови на Хрватска.

Конференцијата треба да послужи како платформа за размена на информации и добри пракси меѓу земјите, националните и локалните власти и другите корисници на фондовите на Европската Унија.