Во источниот плански регион се потпишани договори за реализација на инфраструктурни проекти во вредност од над 28 милиони денари

Заменикот министер за локална самоуправа Дејан Павлески денеска ја посети општина Кочани, по повод одбележувањето на денот на општината.

На општината, на локалните власти и на сите граѓани Павлески им го честиташе празникот, посакувајќи им уште подинамичен развој, подобри услови за живеење и нови перспективи за жителите на Кочани.

Павлески изјави дека за Источниот плански регион од Програмата за рамномерен регионален развој на Министерството за локална самоуправа годинава се обезбедени над 28 милиони денари за инфраструктурни проекти.

- Владата и Министерството за локална самоуправа се силно посветени на развојот на општините. Во соработка со локалните власти да направиме се, граѓаните да почувствуваат квалитетни промени кои што ќе го подобрат нивното живеење, преку вработувања, подобра плата, подобри услуги. Во тој контекст, пред само три дена, со општините и планските региони Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој потпишаа договори за реализација на нови 98 проекти во вкупна вредност од 280 милиони денари во сите осум плански региони. Главно се финансираат инфраструктурни проекти и проектна документација, кои што се директно предложени од локалните власти и се одговор на реалните потреби на граѓаните, рече заменикот министер за локална самоуправа Дејан Павлески.