Обновување на социјалниот дијалог, склучување на грански и поединечни колективни договори со единиците на локалната самоуправа, учество на Синдикатот во подготовката на законските и подзаконските акти беа дел од темите на кои се разговараше со Заменик министерот за локална самоуправа.

Претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на Р. Македонија Пецо Грујовски, заедно со Генералниот секретар Трпе Деаноски, претседателот на Oдборот за локална самоуправа Сашо Пецалевски и претседателите на синдикалните организации при општина Центар и општина Крива Паланка Катерина Цановска Арсовска и Зоран Павловски на средбата го запознаа Заменик министерот за локална самоуправа Дејан Павлески со проблемите со кои се соочуваат вработените во единиците на локалната самоуправа.

На средбата се истакна дека е потребено да се воспостави вистински социјален дијалог помеѓу Министерството и Синдикатот и дека тоа е единствениот начин двете страни да бидат вистински социјални партнери и заеднички да ги решаваат проблемите со кои се соочуваат вработените. Претседателот на Синдикатот на УПОЗ истакна дека потпишувањето на грански и поединечни Колективни договори за вработените во локалната самоуправа е приоритет на Синдикатот, а другите претставници на синдикатот на средбата го запознаа Заменик министерот за реалните проблеми со кои се соочуваат вработените во локаните самоуправи.

На средбата со Заменик министерот исто така се разговараше за изнаоѓање на вон судско решение за постапките за степенот на кариера, односно да се пристапи кон потпишување на спогодби со цел да се избегнат трошоците кои би произлегле од евентуалните судски постапки.

Заменик министерот Дејан Павлески изрази подготвеност и волја за решавање на сите прашања кои произлегоа од денешната средба и предложи по формирањето на новото раководство на Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Република Македонија (ЗЕЛС), да се одржи заеднички состанок на Синдикатот на УПОЗ, Министерството за локална самоуправа и ЗЕЛС на кој повторно би се разговарало за овие прашање и заеднички би се изнајде решенија за сите отворен прашања.