Градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев е избран на денешната прва седница за нов претседател на Советот на градоначалници на Источно планскиот регион, а која се одржи во Штип. Единаесетте градоначалници од Источно планскиот регион и познат како Брегалнички регион едногласно ја донесоа одлуката во наредните две години со Советот на градоначалници да раководи Илијев.

- Сметам дека оваа функција која ја добив и која ја имам е само уште една дополнителна обврска и одговорност пред сите граѓани од истокот. Очекувањата на граѓаните од истокот, а веројатно и од цела Македонија се големи. Затоа оттука нашите обврски ќе бидат многу големи. Моите очекувања се добра соработка со моите колеги. Јас ќе бидам прв меѓу еднаквите, кој ќе се бори за секој проект, за секоја една идеја, која ќе допринесе за подобар живот и развој на истокот, кој е подолго време запоставен, вели Илијев.

Заменик министерот за локална самоуправа Дејан Павлевски најави дека во буџетот за 2018 година за општините во земјава преку министерството и Бирото за рамномерен регионален развој предвидени се поголеми средства за реализација на проекти од регионален карактер.

- Планирани се околу шест милиони евра, во исто време сакам да посочам дека Владата ќе работи напорно во наредниот период да ги лоцира средствата сите министерства кои ќе се издвојат токму за рамномерен регионален развој и по критериуми кои ќе значат помагање на оние региони на кои што навистина им треба најмногу помош. Се надеваме дека во скоро време ќе се достигне онаа предвидена сума согласно Законот за рамномерен регионален развој од еден отсто од БДП односно околу стотина милиони евра. Јас сум уверен и убеден во тоа дека тоа ќе се направи за многу скоро време, рече Павлевски.

Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочвварски како домаќин на денешната конститутивна седница на Советот на градоначалници на ИПР истакна дека договорот меѓу 11-те градоначалници е во наредните две години со ова тело да раководи градоначалникот на Кочани, Илијев, а по истекот на неговиот мандат оваа функција да ја преземе градоначалникот на Штип. Тој истакна дека како градоначалник на најголемата општина во регионот ќе се залага за поголем развој и донесување и реализација на проекти за источниот регион.