Во организација на Македонија 2025, заменик министерот за локална самоуправа Дејан Павлески учествуваше на тркалезната маса за инвеситори од дијаспората, на која беа презентирани резултатите од истражувањето   “Подобрување на бизнис климата за инвеститори од македонската дијаспора- препораки и следни чекори”.

Истражувањето е подготвено со цел на Владата и на надлежните институции да им бидат презентирани очекувањата на претставниците на македонската дијаспора за подобрување на бизнис климата за инвестирање во Република Македонија.

Претставниците на дијаспората сакаат да инвестираат во државата, не само во главниот град, туку и надвор од Скопје, во другите делови на државата, но бараат олеснети процедури, транспарентен процес и заштита од корупција.

Заменик министерот Павлески истакна дека Владата инсистира на транспарентно и отчетно работење.

-Дијаспората е наш огромен потенцијал кој мора да го искористиме во насока на развој на нашата земја. Владата работи на обезбедување на услови за поттикнување на развојот на помалку развиените плански региони, што значи дека секое инвестирање во тие региони е директна подршка на нивниот развој, рече заменик министерот Павлески.

Павлески ги информираше претставниците на дијаспората за поддршката на Министерството за локална самоуправа на општините во обезбедувањето на електронски услуги за граѓаните и за бизнис заедницата, како и за создавање на услови за испорака на услугите од едно место, заради олеснување на административните процедури.