Заменикот министер за локална самоуправа Дејан Павлески, оствари средба со раководството на Независниот синдикат на пожарникари на Македонија (НСПМ). На средбата се разговараше за огромниот број на проблеми со кои се соочуваат пожарникарите во Република Македонија.

Претставниците на НСПМ како најголеми проблеми со кои се соочуваат при нивното работење ги посочија проблемите со начинот на финансирање на нивната служба, тенденцијата на намалување на бројот на пожарникари во Република Македонија, потребата од законски измени во Закон за пожарникарство, како и слабата и застарена техничка опременост на припадниците на територијалните против пожарни единици (ТППЕ) во Република Македонија.

Заменикот министер Дејан Павлески го потенцираше значењето на ТППЕ како битен сегмент за функционално и безбедно општество, при што ја изрази својата подготвеност преку координација со сите надлежни институции да се започне процес на решавање на проблемите и подобрување на состојбите во оваа област.