Печати

Интерес на двете држави е прекуграничната соработка да продолжи да се реализира поефикасно, со цел максимално да се апсорбираат средствата од Европската Унија и да се поттикне развојот во пограничниот регион

17.07.2019 1Министерот за локална самоуправа Горан Милевски денеска во Приштина имаше работен состанок со министерката за администрација на локалната самоуправа Адријана Хоџиќ на која се разговараше за спроведувањето на Програмата за прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Косово, како и за подготовката на новата Програма за периодот 2021-2027 година.

На состанокот, министерот Милевски истакна дека прекуграничната соработка меѓу Северна Македонија и Косово е интерес и за двете земји и дека треба да се реализира на поефикасен начин, со цел максимално да се апсорбираат средствата од Европската Унија.

-Заради поефикасно користење на средствата од Европската Унија разговаравме за можностите за реализација на уште еден заеднички стратешки проект во наредниот програмски период, кој што ќе биде од интерес на граѓаните од пограничниот регион. Во рамките на актуелната програма за прекугранична соработка меѓу двете земји во финална фаза на реализација е граничниот премин Белановце- Станчиќ, во вкупна вредност од 1,2 милиони евра.         Селектирањето на проектите од третиот јавен повик треба да заврши до месец ноември, на располагање имаме 2 милиони евра за реализација на проекти од двете страни на границата, а во рамките на вториот ИПА Програмски период 2014-2020 веќе се реализираат 9 проекти од првиот и од вториот јавен повик, во вкупна вредност од околу 2,5 милиони евра, од кои 1,3 милиони евра се наменети за проектите во нашата земја, изјави министерот за локална самоуправа Горан Милевски.

Министерката за администрација на локалната самоуправа на Косово, Адријана Хоџиќ изрази задоволство од реализираната средба и отворените можности за подобрување на соработката и размена на искуства и иницијативи.

-Соработката што ја имаат Косово и Северна Македонија е многу важна во однос на спроведувањето на Програмата за прекугранична соработка ИПА II 2014-2020, која што заеднички ја подготвија двете земји и која има за цел зајакнување на соработката меѓу институциите, како и меѓу субјектите во пограничниот регион со цел да се постигне поодржлив економски и социјален развој, со заедничко делување, изјави министерката за администрација на локалната самоуправа на Косово, Адријана Хоџиќ.