По повод 24 години од формирањето на Општина Могила, заедно со градоначалничката на oпштината Јасмина Гулевска Министерот за локална самоуправа Горан Милевски, денеска положи свежо цвеќе на спомениците Димче Могилчето, Захарија Шумљанска, Парашкев Цветков и Иљо Лопатички.

- Денеска е важен ден за Могила. Сакам да изразам искрени честитки за овој ден за оваа општина која е важна за сите нас. Треба да сме горди на Могила и да ги негуваме своите традиции и вредности со самиот факт дека од сите истражувања и ископувања во Пелагонија може да се констатира дека праисториските наоѓалишта – тумби најзастапени се токму тука.  Ние како Министерство за локална самоуправа, како придонес кон развојот на овој регион, обезбедивме целосна реконструкција на објект во село Ивањевци и изградба на повеќенаменски простор, кој ќе служи за обезбедување услуги од административно-социјален карактер на жителите од овој дел од регионот со цел подобрување на условите за живеење во руралните средини и намалување на разликите помеѓу поразвиените и помалку развиените средини преку овозможување социјални услуги од регионално значење. Наскоро очекуваме да биде во пуштен во употреба, посочи Милевски.

Вкупниот буџет за овој проект за развој на Пелагонискиот Плански Регион е околу 5 милиони и 500 илјади денари денари, од кои 1 милион 860 илјади денари се обезбедени со кофинансирање од страна на Општина Могила.  

Преку Центарот за развој на Пелагониски плански регион денеска беше промовиран и  повеќенаменски трактор за унапредување на капацитетите на Јавно комунално претпријатие во Пелагонискиот регион за овозможување на услуги од регионално значење, а ова претпријатие по 13 години конечно ќе може да ги одржува патиштата во зимскиот период. Вкупниот сума потрошена на оваа машина изнесува 2 милиони и осумстотини илјади денари. 

- Со денешната посета во Могила направивме увид на работата за проектот, со домаќинско работење беше набавена опремата која ќе им биде од особено значење во работата на Јавното комунално претпријатие и ќе има добробит за сите во ова населено место, додава Гого Видимче, директор за Центар за развој на Пелагониски плански регион.

- Од основањето на Јавното комунално претпријатие за прв пат имаме нова механизација, трактор и 9 пропратни елементи, кои беа побарани на форумите од страна на жителите се со цел да се подобри квалитетот на животот. Денеска е убав ден за сите нас, свечено го одбележавме  24 годишнината од постоењето на Општината, вели градоначалничката на Могила, Јасмина Гулевска.

- Сакам уште еднаш да се заблагодарам на поканата и чест и задоволство ми е што денеска заедно го празнуваме овој ден и да оддадеме почит кон предците во минатото, да се бориме за иднината и да твориме во сегашноста. Могила е земјоделска општина и е важна за развивање на земјоделството во овој регион и јакнење на економијата во државава. Како Министер за локална самоуправа, имате целосна поддршка во целокупното развивање на општината да имаме подобро утре, како за сегашните, така и за идните генерации, рече Милевски.

 

Тој зеде учество и на петтата форумска сесија во рамки на проектот „Зајакнување на општинските совети“. Општината овој форум го реализира со цел вклучување на граѓаните во процесот на креирање на идеи и проекти за подобрување на животот во заедницата и развој на локалната заедница преку взаемна соработка на општината и граѓаните.

Општата цел на проектот е зајакнати и информирани општински совети што активно ги спроведуваат улогите на надзор и претставување при што општинските власти стануваат поодговорни и поделотворни во исполнувањето на потребите на граѓаните.