Министерот за локална самоуправа Горан Милевски и градоначалниците на општините од Источниот плански регион денеска во Штип го потпишаа договорот за финансирање на оперативните функции на Центарот за развој на планскиот регион за тековната година.

- Ни претстои динамичен период на доуредување на нормативната рамка за рамномерен регионален развој, но исто така треба да донесеме и многу сериозни одлуки за продолжување и заокружување на процесот на децентрализација. Тоа ќе значи трансфер на нови надлежности но исто толку е важно да се обезбеди и соодветен трансфер на финансиски средства. Општините треба да бидат функционални, финансиски оддржливи, помалку зависни од централната власт, но поодговорни кон граѓаните во обезбедувањето на услугите, рече министерот Милевски.

Милевски ги информираше градоначалниците дека минатата недела Министерството за локална самоуправа ги започна активностите на експертско ниво за подготовка на измените на Законот за рамномерен регионален развој.

- Процесот на подготовка на законските измени е инклузивен и во него се вклучени сите засегнати страни, вклучително и претставници од Центрите за развој и од експертската јавност. Во изминатиот десетгодишен период не се постигнати очекуваните резултати, развојните разлики се големи, особено меѓу урбаните и руралните општини, нивото на услуги во некои населени места е под стандардите. Оваа состојба мора да се менува со ефикаси политики и брзи решенија, рече Милевски.

Во наредните денови договори за финансирање ќе бидат потпишани со сите Центри за развој на планските региони за да не се доведе во прашање нивното тековно работење.

Согласно Законот за рамномерен регионален развој, Министерството за локална самоуправа, на годишно ниво, го кофинансира работењето на сите осум Центри за развој на планските региони во висина од 1,2 милиони денари за активности и уште 1,2 милиони денари за имплементација на проектите за регионален развој.