Заменикот министер за локална самоуправа Дејан Павлески денеска во Карбинци имаше работен состанок со градоначалникот на општината, Јордан Насев. На состанокот се разговараше за развојните планови на општината и поддршката од Министерството за локлана самоуправа преку Програмата за рамномерен регионален развој.

Заменикот министер Павлески истакна дека Владата посебно внимание посветува на рамномерниот развој на државата со поттикнување на развојот на помалку развиените плански региони и општини. Буџетските средства за проекти за развој на планските региони, за селата и за подрачјата со специфични развојни потреби од 2017 година се зголемени за сто насто, со тенденција ваквиот тренд да продолжи и во наредните години.

На состанокот беше истакнато дека во 2018 година во општина Карбинци со средства од Министерството за локална самоуправа се поддржани два проекти, изградба на локален пат кај село Јунузлија во вредност од 2 милиони денари и изградба на локален пат кај село Прналија во вредност од 1 700 000 денари.

Во оваа, 2019 година од Програмата за рамномерен регионален развој во Источниот плански регион ќе се финансиираат 4 проекти во вкупна вредност од 33 милиони денари, а многу брзо ќе биде објавен и јавниот повик за финансирање на проекти за развој на селата и на подрачјата со специфични развојни потреби.