Со учество на министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, претставникот на управувачката структура за имплементација на Програмата за прекугранична соработка со Грција, Александрос Самарас и градоначалникот на општина Дојран, Анго Ангов, во Стар Дојран беше одбележан Европски ден на соработка, 2018-та.

Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу истакна дека соработката меѓу соседите, конкретно со Грција, е воспоставена од поодамна, меѓу општините и граѓанските организации кои што имплементираат заеднички проекти што се финансираат од Европската Унија.

-Во реализацијата на проектите од Програмата за прекугранична соработка меѓу Република Македонија и Република Грција, за што од Европската Унија се обезбедени 45 милиони евра, се вклучени над 80 партнери, корисници на придобивките се граѓаните од 4 плански региони во Република Македонија и 5 региони во Грција. Тоа значи постојана комуникација, заедно утврдување на  приоритетите, заедничко решавање на проблемите, споделување на европски вредности, градење на партнерства и пријателства. Соработката меѓу нашите две земји први ја промовираа општините. На локално ниво таа од секогаш постоела. Преку соработка создаваме јасни перспективи  за членство во Европската Унија и во НАТО. Република Македонија нема друга алтернатива. Сите политички субјекти во државата имаат одговорност да го отворат патот, да превземат одговорност и на граѓаните да им обезбедат европска иднина. Нашата иднина е во Европската Унија. Нашите граѓани, со финансиската поддршка од страна на Европската Унија, со реализацијата на заеднички проекти со земји членки на Унијата, со користење на поволностите од безвизниот режим, со остварување на својата егзистенција во земји на Европската Унија, веќе го чекорат тој пат, враќање назад нема, рече министерот Фазлиу.

Во рамките на манифестацијата се одржаа бројни активности во кои учествуваа ученици од основните училишта, како и велосипедска тура околу Дојранското Езеро.