Заменикот министер Дејан Павлески, заедно со тимот од домашни и странски експерти, денеска во општина Битола остварија средба со градоначалничката Наташа Петровска.

На средбата се разговараше за потребата од ревидирање на методологијата за пресметување на блок дотациите, со кои што се финансиират училиштата, детските градинки, установите од областа на културата и против пожарната заштита во општините. Притоа, за експертите беше особено важно да се чуе искуството на градоначалниците и на општинската администрација во управувањето со јавните финансии во смисла кои елементи од системот на локално финансирање се најмалку стабилни и предвидливи и дали сегашниот систем на блок дотации и начинот на нивно пресметување ги задоволува потребите или пак пројавува недоволност.

Заменикот министер Павлески и експертскиот тим имаа работен состанок и со раководителот на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион, Гого Видимче, а претпладнето беше реализиран работен состанок и во општина Гостивар.

Вакви состаноци ќе бидат организирани и во општините Чаир, Илинден, Кавадарци, Росоман, Демир Капија, Арачиново, Куманово и во град Скопје. Преку директна комуникација со локалните власти и локалната администрација, фокус групи и прашалници до релевантните целни групи, ќе биде подготвена Анализа на функционалноста на постојната методологија за пресметување на блок дотациите.  Исто така од страна на експертскиот тим ќе биде подготвена и Компаративна анализа од Велика Британија, Данска, Словенија, Полска и Шведска, со цел да се предложат три модели, заради подобро финансирање и поголема функционалност на општините и подобри локални јавни услуги во областите кои што преку блок дотации се финансираат со средства од централниот буџет.