Директна поддршка од над 2,5 милиони швајцарски франци за проекти за развој на туризмот, унапредување на животна средина, бизнис инфраструктурата и социјалната инклузија.

Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу и амбасадорката на Швајцарија во Република Македонија, Сибил Зутер Техада, го претставија новиот проект “Оддржлив и инклузивен рамномерен регионален развој”, финансиски поддржан од швајцарската Влада.

-Политиката на рамномерен регионален развој се спроведува заради постоење на реален проблем, големите развојни разлики и последиците врз квалитетот на живеење на граѓаните, особено на тие од помалку развиените плански региони, рече министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу.

Фазлиу нагласи дека и по десет години, прашањето е исто толку актуелно како и на почетокот. Важни средствата, но исто толку е важно какви проекти ќе бидат финансирани.

-Владата и Министерството за локална самоуправа работат на намалување на развојните разлики и на обезбедување на воедначени јавни услуги и подобар квалитет на живеење преку финансирање на проекти кои што се приоритет за граѓаните, рече Фазлиу.

Министерот за локална самоуправа нагласи дека Вкупната вредност на проектот е 5,4 милиони швајцарски франци, а ќе го имплементираат Министерството за локална самоуправа и канцеларијата на вицепремиерот за економски прашања. Министерството за локална самоуправа ќе координира три компоненти во вкупна вредност од 3,8 милиони швајцарски франци, вклучувајќи и 1,6 милиони кофинансирање од буџетот на Министерството.

Проектот во првата комонента ќе помогне за подобрување на нормативната рамка и подготовка на нов стратешки документ 2020-2029, во втората компонента ќе биде поттикнато граѓанското учество за утврдување на регионалните приоритети и во третата компонента ќе бидат финансирани инфраструктурни и меки проекти кои што како приоритет ќе бидат избрани во консултативен процес со граѓаните. Проектот ќе се имплементира до крајот на 2020 година.