Министерство отворено за општините и општини отворени за граѓаните е мотото на Министерството за локална самоуправа, кое што работи на остварување на целите во соработка со локалните власти, граѓнаскиот сектор, бизнис заедницата и експертската јавност, рече министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу.                             

Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, на денешната промоција, ја поздрави иноицијативата за подготовка на Прирачник за градоначалниците и членовите на советите. Тој истакна дека Министерството за локална самоуправа работи на зајакнување на капацитетите на локалните власти, затоа што само со силни партнери може да се остваруваат резултати кои што се насочени кон подобрување на системот на локалната самоуправа.

Министерот Фазлиу ја истакна улогата на локалните власти во обезбедувањето на функциите на општината и на услугите за граѓаните.

- Сите граѓани имаат право на приближно еднаков пристап до услугите, без разлика дали живеат во урбани или рурални општини, мали или големи, уште помалку е важен етничкиот состав или пак партиската припадност на локалната власт. Задача на централните и на локалните власти е заедно, во соработка, да создаваат услови за подобар, мирен и квалитетен живот за сите граѓани во државата. Секој граѓанин во сопствената општина да се чувствува подеднакво важен и вреден со сите други, рече министерот Фазлиу.

Фазлиу истакна дека мотото на Министерството за локална самоуправа е Министерство отворено за општините и општини отворени за граѓаните и во тој правец ја нагласи неопходноста од соработка  со локалните власти, со граѓанскиот и со бизнис секторот, како и со експертската јавност.              

-Само на тој начин можеме да се справуваме со предизвиците кои што се сложени и кои што бараат координиран и инклузивен пристап во нивното решавање, рече министерот Фазлиу.

Прирачникот за градоначалниците и членовите на советите е подготвен од страна на Центарот за економски анализи, во рецензија на професорите д-р Гордана Силјановска и д-р Јове Кекеновски.