Министерството за локална самоуправа, заедно со ЗЕЛС и министерствата за образование и наука, за култура, за труд и социјална политика и за финансии, а согласно заклучок на Владата на Република Македонија, отвори процес на консултација на сите засегнати страни за редефинирање на начинот и утврдување на критериумите на наменските и блок дотациите кои централната власт ги префрла на единиците на локална самоуправа во однос на образованието, детската заштита и културата. 

На состанокот со заменикот министер за локална самоуправа Дејан Павлески, присуствуваа директорката на ЗЕЛС Душица Перишиќ, како и претставници од министерствата за образование и наука, за култура, за труд и социјална политика и за финансии.

Заменикот министер Павлески истакна дека Министерството за локална самоуправа ќе се залага да се создаде одржлива, ефективна и ефикасна локална самоуправа во Република Македонија и дека во координација со сите други надлежни министерства ќе започне процес на консултации и анализи заради изнаоѓање на најсоодветни политики и мерки за решавање на напластените со години проблеми со кои што се соочуваат единиците на локална самоуправа.

- Мора да се покаже воља за придвижување на состојбите и приближување на барањата и ставовите на сите вклучени страни, а во интерес на општините и секако во интерес на граѓаните како корисници на услугите. Крајната цел е секој граѓанин на целата територија на Република Македонија да добие подеднакво квалитетни услуги, рече заменикот министер Павлески, кој истакна  дека на општините им е потребна помош за да можат да обезбедат соодветно ниво на услуги, но и општините треба да се ангажираат повеќе во однос на поефективно работење и поефикасна реализација на средствата од централниот буџет, како и поголема ажурност во обезбедувањето на локалните приходи.  

Претставниците од ЗЕЛС, како и од надлежните министерства се согласија дека средствата од блок дотациите наменети за училиштата, детските градинки и локалните установи од областа на културата со години покажуваат недоволност што се одразува на квалитетот на услугите во овие највитални области. Беше укажано дека  во однос на детските градинки има сериозен недостиг од персонал и капацитети, дека во образованието најголем процент од средствата се наменети за плати, има голем недостиг за покривање на трошоците за превоз на ученици и за одржување на училиштата, а установите од областа на културата се во најлоша состојба, зашто, како што беше речено, тие се одржуваат во статус-кво состојба, со по еден до двајца вработени без никакви содржини.

Заеднички беше констатирано дека проблеми постојат во сите области, дека е потребно редефинирање и промени во системот на финансирање на единиците на локална самоуправа и дека тој треба да биде базиран на реални длабински анализи кои треба да се направат во периодот што следи, со цел на среден и долг рок да се добие систем на финансирање кој ќе биде фер, правичен и кој нема да зависи од вољата на политички партии или поединци.