Министерката за локална самоуправа Ширет Елези и раководителите на осумте Центри за развој на планските региони денеска ги потпишаа Договорите за финансарање на Бизнис центрите за 2017 година, кои се воспоставени и функционираат во рамките на Центрите за развој.

Со 3 милиони и 200 илјади денари, или по 400 000 денари за секој Бизнис центар, Министерството за локална самоуправа ќе финансира дел од активностите утврдени во договорот за 2017 година.          

Договорот е потпишан согласно Програмата на Владата на Република Македонија за рамномерен регионален развој во 2017 година,  а во функција на  зголемување на конкурентноста на планските региони преку поддршка на малите и средни претпријатија и на претприемаштвото.

Финансиската подршка е наменета за реализација на активностите кои се утврдени во Проектот „Проширување на функциите на Центрите за развој на планските региони во насока на спроведување на активности и услуги за поддршка на приватниот сектор“, определени во рамки на Меморандумот за соработка со Швајцарската агенција за развој и соработка 2017-2020.

Швајцарската Агенција за развој и соработка со по 15 000 евра ќе финансира по една мерка во секој плански регион од регионалните Стратегии за иновации и дополнително, ќе учествува со по 1500 евра за секој од осумте Бизнис центри за организација на настани и обуки, врз основа на Меморандумот за соработка кој ќе се склучи со Министерството, по одобрувањето на проектот.