Во охридските специјализирани болници „Св.Еразмо“, за ортопедија и трауматологија и болницата за кардиолошки заболувања, „Св.Стефан“, подобрени се условите за третман на пациентите, благодарение на инвестиција на Министерството за локална самоуправа и Владата на Швајцарија, преку Програмата „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“. Министерот за локална самоуправа, Златко Перински и амбасадорката на Швајцарија, Вероник Улман денес во Охрид ги посетија болниците да разговараат со корисниците и ги сведочат бенефитите и процесот на спроведување на овие проекти. Домаќини и соговорници им беа директорите на установите, градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков и директорот на Центарот за развој на југозападен плански регион, Ваљон Каба. На посетата присуствуваа и градоначалниците на Дебар, Македонски Брод, Центар Жупа, и претседателката на Советот на Општина Струга кои беа активно вклучени во процесот на избирање на овие проекти како приоритет на регионот.
Во болницата за ортопедија преку проектот „Опремување на современ центар за физикална терапција“ се набави апарат за криотерапија и хидрауличен лифт за полесен пристап до базенот со што сега е овозможен современ третман на хидромасажа и физикална терапија, а во специјализираната установа за кардиолошки заболувања се имплементираше проектот „Подобрување на условите за здравствен туризам со реконструкција на ЈЗУ Кардиологија – Охрид“, со кои е извршена реконструкција на фасада и покривот, старата столарија е заменета со нова, купена е нова ехо опрема и во функција е ставен интегриран софтвер наменет за здравствените установи. Сѐто ова резултираше во зголемен капацитет на болниците за пациенти, намалени сметки за струја, како и зголемена ефективност во работата.