Учество на регионална Конференција
Министерот за локална самоуправа Муса Џафери учествуваше на регионална Конференција за локална самоуправа, што се одржува во Приштина.
На Конференцијата, министерот Џафери ги презентираше искуствата од реформата на локалната самоуправа и процесот на децентрализација во Република Македонија.Фактот што децентрализацијата е постојана провокација за политичарите, за граѓанскиот сектор, за експертската јавност и за меѓународната заедница, сам по себе зборува дека овој процес бара континуирано да биде истражуван, компариран и збогатуван со нови искуства и идеи, рече министерот Џафери.
Зборувајќи за актуелните предизвици Џафери истакна:
-Сега веќе сме далеку од почетокот, но и од крајот. На позиција од која нема враќање назад, а за напред се потребни идеја, политичка воља и следење на принципите кои што веќе се поставени, врз основа на Европската повелба за локална самоуправа, европската пракса и искуства.
-По 5 години, во кои што општините функционираат со значително зголемен обем на надлежност, може да се констатира дека процесот на децентрализација се одвива успешно, но генерално е потребен нов импулс за поттикнување на развојот, намалување на диспаритетите меѓу општините и меѓу одделни региони во државата и вклучување во европските текови, истакна на Конференцијата министерот Џафери.
Организатор на Конференцијата е Министерството за локална администрација на Косово.Целта на Конференцијата е да ги презентира моделите на децентрализација на земјите учеснички, како и да послужи за размена на искуства и добри практики на земјите од регионот. На Конференцијата учествуваат министри надлежни за локалната самоуправа и други претставници од надлежните министерства од Македонија, Албанија, Бугарија, Чешка, Хрватска, Унгарија, Црна Гора, Словенија и Турција.
Министерство за локална самоуправа










